Thursday 11 October 2012

ДЕТСТВО ИСУСОВО


крадел ли Исус
зелени кајсии од комшиските дворови
и бркал ли мачки со маалските кучиња?

и кога ќе завршел работа во нужникот
викал ли:
ма-мооо, го-то-воооо!

и дали сакал да оди по гости со баба му
газејќи прекутрупа
преку туѓи бавчи?

и да!
дали кога бил малечок
сонувал да стане поголем
човек од татко му?

и кога бил малку поголем,
ја ѕиркал ли скришум жената на комшијата
и се затворал ли потоа во нужникот
подолго од 15 минути?

или сепак
отсекогаш бил
досадно старомало што
умее само
да оди по вода
и водата
во вино да ја
претвора?!

No comments:

Post a Comment