Sunday 30 March 2014

дали сте среќни

дали сте среќни
сите вие
луѓе
што можете да го купите светот
надвор од себе
а внатре во себе
немате ни скршен динар

дали сте среќни
со сите тие ваши банкарски сметки
на тие ваши јахти
во тие ваши коли-авиони
во тие ваши палати
со соби што зјаат празни

дали сте среќни
со сите тие ваши ангели-чувари
со бричени глави
со сите тие ваши мисици
и разни први, втори и којзнае кои по ред
придружнички

дали сте среќни
така костумосани
машносани
тасмосани
намирисани
дуздисани

дали дишете слободно
со тие бесилки
што си ги ставате околу вратот

дали дишете
дали спиете
дали јадете

спокојно

дали сте среќни
сите вие
луѓе

дали сте среќни

ако сте
тогаш океј
да не ве мислам

Sunday 16 March 2014

јас не сум

пишувам песни
но се чудам кога ќе ми речат
песник!
можеби зашто уште не знам
што тоа значи
можеби зашто
правам уште недоброј други нешта:
читам
на пример
зарем не сум читач?!
и си зборувам гласно
кога нешто не ми е јасно
гледам во зајдисонцето
без очила за сонце
се радувам
дувам
во дланките кога е надвор ѕивра ладно
ноќе
кога е небото ведро
ја барам големата мечка
и еве веќе дваесет и кусур години никако да ја најдам
во три и кусур
(пак ноќе)
јадам стапчиња од фурната во чаир
или лиснато со зденка и маслинки откај мајче
или две појачани крофни од ѓорче
едната со крем
другата со џем
се качувам
горе
кај музéј на современа умéтност
и оттаму го гледам скопје
(уште еднаш – ноќе)
дење се качувам на водно
и горе пијам три чаја со лажичка шеќер
и секојпат мерам колку бргу сум се качил
(47:35
откај полицијата
пред четири години, во август
без ранец
само по црвените адидас-гаќички
и знам дека беше вторник)
луѓето ми велат
зошто брзаш
зошто не уживаш
а јас, пак,
уживам да брзам
кон своите три чаја со лажичка шеќер
и секојпат носам пешкирче на појасот
не затоа што се потам
туку зашто и татко ми носи

плачам
најчесто од среќа
ама и тажен сум
секојпат кога црвениот автобус
речиси празен
тргнува од перонот
а јас однатре мавтам
а моите однадвор се смешкаат
а, знам, однатре плачат
и си кажуваат нешто што јас не можам да чујам
а сигурно стопати сум го чул веќе
ама пак сакам

да го шетам скопје понеделнички
да испијам две големи бози кај апче
едната клот, а другата со топче страчатела
да влегувам по книжарници и да барам книги што сум сигурен дека ги нема
големата вода
или комплет од цепенков
на пример
па докај сестра ми на работа
на пет минути, колку да ја видам

и сакам кога со марко одиме во зоолóшка
и таму јарињата и елените ни јадат смоки од рака
и сакам кога им се чудиме на мајмуните
и воловите
и велиме: греота
за тигрите, орлите и лавовите

и кога со дедо ми си зборуваме
за световите кај него в глава
и кога трепка со очите и збунето гледа
во некое свое зајдисонце
во некоја своја голема мечка
над костинци, кошино, зрзе
и сакам кога од негде-некаде ќе ме праша
кога ќе иди ане?
оти, знам тогаш, му дошло кој сум

и сакам кога на анна ѝ кажувам колку ја сакам
додека спие

и кога ги вметнувам во песна
луѓето што ги сакам
тукутака
дека ми се сака

(и скопско сакам!)

сѐ сум што сакам
и што нејќам исто така

и затоа
и уште недоброј пати затоа
чудно ми е кога ми велат
песник
а не
патувач што гледа во зајдисонцето радувач што ја бара големата мечка мерач на времето кој ита кон своите три чаја со лажичка шеќер и пешкирче на појасот мавтач од автобусот бозаџија книгаџија сакаџија нејќаџија

и уште недоброј нешта сум
и ништо не сум

јас сум сѐ
и ништо не сум

сѐ и ништо
ништо и сѐ

оти и тишината зборува
и празнината фаќа место