Monday 8 October 2012

во мене се раѓа дете


тогаш сатурн на небото ми го покриваше
наталниот плутон
во куќата на смртта

а во првата, пак, спокојно
влегуваше нептун и
 
ветуваше успех

тогаш излегував
и влегував
и многумина низ мене поминуваа

во мене се раѓаше дете

мислата ме снеможуваше
не можев да ја заробам и збор
да ја престорам
зборот молк
молкот тишина

тогаш уште еднаш проодував
угоре по планината
се тетеравев на ветрот

под мене остануваше градот
луѓето
не го препознаваа мојот немир
во прегратката

се заклучував во себе
и однатре молев за надвор
преколнував
барем еднаш барем за миг барем сосем малку трошка барем
да го напуштам домот

за да видам дали навистина има
надвор од мене свет
и дали е таму сè

или сè е само прав и пепел

и сеедно е што сатурн го покрива плутон
и што на исток спокојно се раѓа нептун

и што во мене и сега се раѓа дете

No comments:

Post a Comment