Wednesday 25 December 2013

4. земја. црвено.

слегувам во своите подземни одаи.
во темелите. таму кај што уште
старите мои закопале нешто.
слегувам од сиот свет скришум. сам
од себе го крадам клучот.
долу е цибрина. од студенилото дури
оган гори. дури пече ко жар на гола кожа.
и мравки лазат. од мраз, од страв, од јанѕа.
буричкам со кандилце в рака.
тарашкам по теглите со слатко,
со горко, со поткиселено.
чепкам по сето поминато низ мене.
по сето поминато пред мене.
со ноже пуштам воздух
да излезе смрдеата.
ја тргам мувлата што се фатила одозгора.
вдишувам длабоко. со прст пробувам.
тегла по тегла отворам. ја тргам мувлата.
вдишувам длабоко. со прст пробувам.
тегла по тегла.
дур не најдам зошто толку боли.
и до кога.

конечно сам. седнувам крснозе во тишината со поглед вперен кон себе.

од каде сиот овој немир во мене?
од каде оваа матна река
надојдена
оваа гнасна вода во мене?
од каде сета оваа врева во мене
кога ги склопувам очите?

колкумина потстанари сме во ова тело?

ко цела една чаршија да се собрала во мене
па прави ѓурултија
куртул нема!

ко да сум ги понел со себе
сите прегратки сите ракувања сите урокливи погледи
од патувањата
од сите претходни домови
во кои сум преспивал
од сите куќарки што сум ги надраснувал
во кои сум се вселувал
и од кои сум си заминувал
кога ќе ми чукнел часот
кога ќе ми чукнела камбаната

ко да сум понел со себе сѐ
само сеќавањето сум го заборавил

негде попат

Saturday 14 December 2013

red bus blues


Преполниот црвен автобус влегува во уште една вукојебина. Повторно влегуваат повеќе луѓе отколку што излегуваат.
Надвор остануваат оние што испраќаат – мајки, баби, синови, внуци. Загрижено ги издолжуваат вратовите и се обидуваат однадвор да им најдат место на своите најблиски.
Тазе качените, пак, им се смешкаат со лица што велат: „Не е важно“. А, всушност, со очите немирно шараат низ автобусот и го бараат последното слободно место. Знаат дека нема да има за сите.
Една дебела тетка љубоморно го чува своето двојно седиште правејќи се дека нешто многу важно се случува зад прозорецот, иако во претходното гратче и таа беше една од оние што панично шараа низ автобусот.
До мене Ана си ја чита својата книга и врска нема што се случува.
Јас мирно набљудувам од своето седиште. Сѐ ми е јасно – сум бил и оној што однадвор го издолжува вратот, и тазе качениот, и дебелата тетка што зјапа низ прозорецот...


Sunday 8 December 2013

ТАЛЕ НЕ ЗНАЈТ

На Тања


         Пусти Тале, уште го зборуваме, а не го ни знаеме ко што треба човекот.
       Тоа лето фативме со Ана да ги шетаме селата прилепски, оние накај Брод. Јас се имав заќејфено нешто да го видам Небрегово. Селото да ти било на крајот на светот, а патот до него полн дупки. Во селото нѐ пречека човек сув и малку подгрбавен, со коса остра и нечешлана, во парталави алишта, немиен, гурелав во очите, со лице испечено од сонцето, со уста подзината и разлигавена. Селска будалетинка, јуродив, пророк скриен од светот, меѓник меѓу светови – кој ќе го знае. Го прашавме за куќата на Блаже, праша дали може да влезе во колата. Влези, пријателе. Влезе, се фати за сокот. Ни го испи. Ме фаќа малце јанѕа. Го гледам на ретровизорот.
        Кај да возам, пријателе?
        Прилеп, Прилеп. Вози Прилеп.
        Куќата од Блажета знаеш каде е?
        Прилеп, Прилеп. Вози Прилеп.
          Од три-четири пати се разбравме. Нѐ однесе до куќата, на два-триесет метра од сретсело. Прошетавме низ дворот. Ѕирнавме низ прозорците и толку беше, немаше кој да ни отвори. Додека шетавме, човекот фрлаше со камења по селските кучиња. Нѐ пазеше, гости му бевме. Се вративме назад во колата, и тој со нас влезе, си седна на своето место: – Прилеп! Прилеп! Возиме! Возиме! Се вративме на сретсело, човеков абер нема.
        Пријателе, ние мора да одиме сега.
        Прилеп! Прилеп! Возиме! Возиме!
           Ќе мора да бараме чаре.
            –  Ана, ќе излеземе полека и ќе тргнеме накај црквичено – тивко кројам планови додека човекот си мантра на задното седиште. – Ќе направиме круг, ќе тргне чоеков по нас. Кога ќе биде тој зад црква, ќе се пуштиме шпринт накај кола и ќе заклучиме вратите.
          Излегуваме од кола заедно со пријателот и тргнуваме накај црквичето. Кога, се наведнува човеков, зема еден голем камен од земја. – Отидоа џамовите – си мислам – нѐ чул чоеков што ујдурма му готвиме, не бил толку будала. Јок! Со каменот го потпре едното задно тркало, да не тргне колата назад и тргна по нас. Зад црквата тревишта еден куп, којзнае кога коселе последен пат. Ќе излезе змија ќе нѐ изеде сите. Нема назад. Правиме полукруг околу црквата и јас давам знак: – Трчај, Ана! Трчаме, човеков се даде по нас. Уште му го паметам стравот на лицето, ќе му отиде Прилеп. Влегуваме во колата, ги затвораме вратите, а човеков очајно се обидува да влезе. Ја тегне рачката од задната врата кај што го имаше ставено каменот. Пак јанѕа ме јаде. Ми е страв да не направи беља ако тргнеме. Штрака, штрака по рачката и си мрмори: Прилеп! Возиме! Возиме! Во паника е, му отиде Прилеп на човеков. Тажно ми е кога го гледам. Се гледаме со Ана, не знаеме што да правиме. Кај да бараме чаре, живо пиле нема во селото. И тогаш го чувме гласот на спасителот.
        – Тале, мирен, Тале! Мирен! – почна да вика една крупна женичка, а пријателов наш вистина се скроти, ко бајче. Престана да ја тегне рачката. – Немајте гајле, деца. Не знајт Тале, не знајт. Не прави бели тој мирен е. Само, не знајт. Мирен, Тале.
            Се смири Тале, а ние си го фативме патот накај Зрзе.
          Не знајт Тале, не знајт. Раат му е живејачката. Уште Прилеп да го види, ко Господ да го видел.

Tuesday 15 October 2013

медитација за почетници

1.
треба да се чисти
треба да се чисти
треба да се чисти
да се исчисти ѓубрето што со векови се збирало во нас
треба да се затворат очите во мракот
и да се молчи во тишина
треба да се нурне длабоко
                                                длабоко
и таму да се дише длабоко
                                                длабоко
сѐ дур не се исчезне во сопствениот здив

треба, барем еднаш! предвреме да се умре
за да се преживее смртта


2.
ќе гледаме ли еден ден
секој ден кон небото?

ќе го чекаме ли со раширени раце
ветрот?

ќе научиме ли да ги затвораме очите
без брчки на челото?

ќе научиме ли да се смееме
без да нѐ забележат оние
што не се осмелуваат да тргнат
ни нагоре
ни надолу?

ќе успееме ли конечно
еден ден
да се престориме во она
што некогаш сме го нарекувале
метафора?

3.
откажи се од зборовите
додека молкот не стане
тишина
и во тишината
ќе го чуеш

зборот

цајтнот

притиска над левата дланка
остава белег
ми става мрак превез преку очи
ми лази по рбетот
од темето до коренот на трупот
таму се притајува
склопчен клечи
со колената прегрнати
се кикоти
подмолно гмечи
тлее ко в пепел запретана жар
ме приковува ко за студен камен и
колва колва колва
па летнува угоре
и ме пернува сред чело
ко со токмак
свиња пред колење

паѓа знаменцето
зјаам во растурените
фигури на таблата
кралот е мртов
само до почетокот

на новата партија

чекалница

доаѓаш прв. чекаш.
застануваш во ред. чекаш.
стискаш копче. чекаш.
ставаш ливче. чекаш.
(уште колку чекаш?)
ставаш ѓезве. чекаш.
пушташ вода. чекаш.
пушташ бојлер. чекаш.
праќаш писмо. чекаш.
мењаш статус. чекаш.

чекалница:
никој не те чепка.
меѓупростор. меѓувреме.
нешто ко: малечка смрт.
нешто ко: дупка во ѓеврек.
нешто ко: интермецо пред важни вести
од земјата и светот.
нешто ко: врата.
нешто ко: прозор.

(имаш празен екран, еееј!)

таман, да летнеш.
таман, да те снема.

а ти, ако си будала,

чекај!

Monday 6 May 2013

Немир


Работи!
Работи умот.

Се растрчале мислите
ко мравки од згазнат мравјалник.

Три пута ударник!
Три пута ударник!

Претрчуваат
ко мали деца на црвено.
И кај што треба
и кај што не треба.

Прескокнуваат огради.

Летаат ко глуварчиња.

Пукаат ко балони:
од сапуница
или од пакетче хуба-буба.
Исчезнуваат засекогаш
или оставаат лепливи траги по лицето.

Телото не седи мирно.
Рацете посегаат да дофатат нешто:
некогаш небо,
некогаш грутка земја.

Sunday 10 March 2013

се заиграв


(се чита како што би ја прочитал к. п. мисирков кога ја пишувал за македонцките работи)

фрлајте
фрлајте со дрвја и камења
по мене
сум бил јас
и дрво и камен 
...

за крстот што го носиме
и за крстот што нѐ носи нас
за тоа зборувам

некој на чело
некој на плеќи
некој в џеб
некој го загинал негде по фиоките
го затурил меѓу некои парталави алишта
меѓу лаванда и нафталин
да го чуваат од молци

за средето на телово
зборувам
за крстопатот што ни е во него впишан
за угоре и удолу и
за открај-докрај

за тоа дека сме тука на поседување
на пет минути од вечноста дојдени

сме рекле на почетокот:
не, фала, не сум за влегување
ама сме влегле колку за малку
колку за ич-малку
колку за беља
и сме останале
сме се замуабетиле
сме се заборајле...

и сме заборавиле сѐ

и крстопатот
и патувањето
и дека не сме биле за влегување
...

фрлајте
фрлајте со дрвја и камења
по мене
сум бил јас
и дрво и камен

Friday 22 February 2013

уште стравови


има нешто во мене
што би можел да го кажам
во овој миг на длабоко
дно

сега
кога ме боли крстот
од седиштето во автобусот
и од сите непотребни часови
преседени пред екранот
или тукутака преседени
со погледот вперен во некоја неостварена
предвидливост
или во некој страв од некоја ненајавена
средба
со оној од кого стравот е најголем

сега
кога телото не ми е храм
туку градилиште омеѓено и напуштено
полно гнилеж и мирис на мочка

токму сега
има нешто во мене
што би можел да го кажам

а јас молчам
ни да зуцнам

Thursday 14 February 2013

два


знам кој пат сакам да го фатам.
знам во што гледам
кога ги затворам очите.

знам и времето да го забавувам.

знам и што е утро,
а што ноќ.

знам како да стигнам отаде.

сѐ знам,
да речеме.

и го живеам токму
спротивното.