Thursday 11 October 2012

манастир


мравките ги прибираат остатоците од посната вечера.
ноќните пеперутки му се жртвуваат на своето стаклено сонце.
жегалецот им го отстапува местото на ноќните тврдокрилци
што главеечки удираат по ѕидовите.
пајакот се гости со уловот на кој би му позавидел и рибарот најфалбаџија.
кучињата негодуваат во сонот,
па се сепнуваат и лаат некому.
а ние велиме: им лаат на ѕвездите, на месечината, на кукумјавката
од тополата во долот.

во градот без соѕвездија се прераскажуваат вечерните вести
по ѕидовите што не може да бидат срушени.
по терасите се гледа на кафе
и се предвидуваат венчавките на несреќно заљубените
од омилените турски серии.

полека
заминуваме.
без да фрламе камчиња зад себе.

No comments:

Post a Comment