Friday 28 December 2012

ВРЕМЕТО КАКО МОРЕ И ВРЕМЕТО КАКО РЕКА


(Есеј за Дервишот и смртта од Меша Селимовиќ) 


Го повикувам за сведок времето, почетокот и крајот
на сѐ – зашто секој човек секогаш е во загуба.
(Псевдоцитат од Куранот)

      0.      Вовед

Да влеземе накратко во приказната што ни ја раскажува Ахмед Нурудин за да видиме кој е Ахмед Нурудин, која е силата што ја движи целата приказна и која е причината за трансформацијата на ликот. За целите на оваа анализа романот, накратко, би можел да се претстави вака.

Ахмед Нурудин е дервиш, припадник на мевлевискиот ред, шејх на теќе во една провинциска касаба. Неговиот помлад брат Харун е затворен, а Ахмед се обидува да ја дознае причината за неговото затворање. Затворањето на Харун претставува основно наративно јадро во романот, причина за сѐ што понатаму се случува. Тоа е почетокот на трансформацијата на ликот на Ахмед Нурудин.

Романот е поделен на два дела: првиот дел е составен од девет, а вториот од седум поглавја. Деветтото поглавје, последно од првиот дел, е меѓник помеѓу двете големи целини. Пред почетокот на трансформацијата Ахмед Нурудин е ашик-дервиш, вљубеник во Бога. Сѐ што се случува во неговиот живот го смета за Божја волја, па и несреќата што го снаоѓа. Тој е човек што не се снаоѓа најдобро во општеството, во световното постоење. Меѓучовечките односи, па и самите луѓе, му се туѓи. За него постои само Бог и цикличното време на молитвата. Затворањето на брат му го вознемирува и матицата на историското време го повлекува со себе. Тој мора да се соочи со материјалниот свет, мора да ја напушти удобноста на кругот. Влегува во профаниот свет на паланката за да го извлече брата си од затвор, но и во таа борба со локалните власти тој не се бори вистински, туку сѐ препушта на Божјата волја. Работите се менуваат кога Нурудин дознава дека брат му е веќе три дена мртов, тогаш во него се јавува искра на човечка волја и тој гласно, пред верниците во џамијата, ја искажува својата тага поради смртта на брат му. По таа беседа е затворен во темна и влажна ќелија. Тоа е епизодата-меѓник во која се случува симболичната трансформација на ликот. По излегувањето оттаму Ахмед веќе не е стариот шејх Нурудин, кој сѐ препушта на волјата Божја, сега тој е бунтовник што сака да го одмазди својот брат.

Веќе сме влезени во вториот дел од романот. Нурудин дознава дека Мула Јусуф, неговиот најблизок ученик, е кадиин шпион и дека тој го накодошил Харун кај властите. Првото поглавје од вториот дел е всушност вметната епизода во романот, реминисценција со која нараторот го подготвува читателот за предавството на Мула Јусуф. По ова сознание трансформацијата на Нурудин е целосна, тој решава да ги земе работите во свои раце и да ѝ се одмазди на паланката. Тој од Божји слуга се претвора во Бог. Решава сам да ја спроведе Божјата правда, притоа не бирајќи ги средствата. Тоа го оддалечува од неговиот внатрешен свет на молитва и медитација и го доближува до јавниот простор на општеството во кој си има работа, пред сѐ, со луѓе што не се духовно длабоки. Влегува во свет што му е туѓ и во кој самиот тој е туѓинец. За иронијата да биде целосна тој станува кадија на местото на стариот кадија, кој е убиен во побуната на рајата што ја предизвикува самиот Ахмед. Сега дервишот, кој беше вљубеник во Бога, навистина станува судија и дадена му е шанса да ја дели човечката правда. Не го издржува притисокот, не се снаоѓа во светот во кој не припаѓа. Погубен е од повисоките власти за дело што не го извршува, но кое е благородно по својата природа. Обвинет е дека го ослободува својот најдобар пријател, иако тој е во суштина негов предавник. Луѓето го слават како херој, а тој умира со дамка на срцето.


      1.      Море

Чувствував потреба да земам книга, Куранот или некоја друга, за моралот, за големите луѓе, за светите денови, би ме смирила музиката на познатите реченици на кои им верувам, за кои дури и не мислам, ги носам во себе како крвоток. Не сме свесни за тоа, а сѐ ни е, ни овозможува да живееме и дишеме, нѐ држи исправени, му дава своја смисла на сѐ. Секогаш чудно ме приспиваше таа низа од убави зборови за работите што ги знам. Во овој познат круг по кој се движам, се чувствувам сигурен, без пусии со кои заплашуваат луѓето и светот.
(Селимовиќ 2000: 59)
           
Светот е голем, но во нас
тој е длабок како море.
Рилке

Морето е вертикала. Во суфистичката философија „морето го означува духовното искуство низ кое минува мистикот на своето патување до Бога“. (Nikolson 2011: 58) Во медитацијата слегувањето во своите сопствени длабочини често се прикажува како нурнување во длабоко море. Се седнува на дното од морето и таму, во длабочините, се чисти умот од сите мисли, човекот се ослободува од стресот што му го нанесува секојдневјето.

Морето е неистечна вода, движењето на водата во него е циклично, и тоа, повторно по вертикала: таа испарува кон небото за облаците одново да ја вратат назад. Токму затоа времето во метафората времето е море е циклично време. Тоа е времето на молитвата што се повторува, тоа е свето време. Тоа е времето на детството. Тоа е мигот кога детето вели: уште еднаш, и готово! А тоа всушност значи: уште неброено многу пати, и готово. За детето историското време не постои. Цикличното време е карактеристично за архаичните општества на кои не им е познат концептот на историјата. За архаичниот човек постои само циклусот ритуали, но тој циклус е секогаш идентичен во своето повторување, тој не се движи по линијата на историјата. Не постои цивилизациски и технолошки развој, постои само совршеноста на кругот.

Првиот дел од романот Дервишот и смртта критиката го нарекува роман-контемплација. Главниот лик е ашик-дервиш што животот ѝ го има посветено на Божјата љубов. Ахмед Нурудин живее во својот внатрешен свет. Тој е мистик. Не се движи по хоризонталната линија на постоењето. Не оди тој кај луѓето, туку тие доаѓаат кај него. Така вкоренет во храмот тој успева да воспостави трансцендентна врска со Бога, но за сметка на тоа ја губи врската со телесниот свет што го опкружува. За него материјалниот свет – во кој и самиот е отелотворен – е детерминиран, и во него слободната човечка волја е недостојна во однос на Божјата. Тој ја има искоренето својата волја и ја има достигнато состојбата на:1. помирение или задоволство (она што суфите го нарекуваат рида) и 2. вера во Бога, т.е. тавакул (Nikolson). Тој живее во светот на молитвата: Ова е мојот дом, изветвени килими, бакарни свеќници, михработ каде што се клањам пред луѓето клекнати на колена, мојата тишина и сигурност, со години сум овде свој, ја знам шарата на килимот каде што застанува моето стапало, излижана е и избледнета, трага своја оставив на она што трае подолго од нас, од ден на ден ја вршам светата должност во овој дом што стана мој, наш и Божји, и криејќи од самиот себе дека беше најмногу мој. (Селимовиќ 2000: 99) Неговиот внатрешен свет е богат и тој длабоко се има нурнато во него, но за надворешниот свет тој е изгубен. Сепак, тоа за него не претставува проблем, сѐ до мигот кога несреќата тропнува на врата и работите мора да се сменат. Неговата љубов е ставена на испит.Тоа е мигот кога трансформацијата почнува.

Ахмед Нурудин често се сокрива во просторот на своето детство, уште еден од световите на цикличното време. Тој го нарекува Исхак човекот чие име не го знае, туѓинецот што една ноќ се сокрива во теќето, најзагадочниот лик во целиот роман за кого читателот до крајот не може да биде сигурен дали е тоа лик од стварниот свет на романот или е тоа само некој од длабокото море на Ахмед Нурудин, неговото алтер-его. Го нарекува Исхак зашто, како што самиот вели: Исхак, тоа е името на мојот вујко кого како дете многу го сакав, Исхак, не знам како ги доведувам во врска, и како и зошто толку упорно го довикувам детството, сигурно тоа е бегање. Бегање од ова што е, спасување со несвесно сеќавање и луда желба да не биде стварност, со неостварлива желба, би ме натерала во очајание ако беше вистинска мисла, а вака дури и се оствари, во моментите, извитоперувања, магловити занеси, во кои телото и непознатите внатрешни сили го бараа изгубениот мир. (Селимовиќ 2000: 101)
  

      2.      Regressus ad uterum

Деветтото поглавје, последно од првиот дел, е меѓник помеѓу двете големи целини. Тоа е поглавјето во кое Ахмед Нурудин е одведен во тврдината и затворен во темна и влажна ќелија. Тоа поглавје може да го крстиме regressus ad uterum, или: враќање во матката. Таа епизода целосно одговара на ритуалите на иницијација во кои неофитот се изолира од општеството за потоа во него да се врати препороден, со нов општествен статус и нова функција. Детето Ахмед се иницира и влегува во светот на возрасните. Нурудин доживува привидна, симболична смрт. Темната и влажна ќелија во која е сместен наликува на гроб, а треба да ја симболизира утробата на Мајката Земја, но и Хаосот пред создавањето, ноќта пред денот што се раѓа.

Нурудин од гробот навистина излегува поинаков. Но, дали е иницијацијата успешна?


     3.      Река

Времето досега беше море што полека се бранува меѓу големите брегови на вечноста. Сега личеше на брз тек на река што неповратно ги носи миговите.
(Селимовиќ 2000: 355-356)

Реката е хоризонтала, таа тече и, во однос на морето, таа е плитка. Времето во метафората времето е река го претставува линеарното историско време, кое можеме да го наречеме и цивилизациско време. Тоа е карактеристично за општествата со развиена писменост и подразбира цивилизациски напредок. Глобалната човечка цивилизација, од која и самите сме дел, го познава и концептот на циклично време, но цикличноста паѓа во втор план поради технолошкиот и културниот развој кон кој современиот човек стрмоглаво се стреми. Кога вели време, современиот човек мисли историја, или, можеби уште поточно, историографија, затоа што се важи само она што е запишано, документирано. Сето останато е само обичен мит.

Иако сѐ уште постои, она што некогаш било ритуал денес е десакрализирано, заборавена е неговата суштина, а за сметка на тоа се истакнува формата. Современиот човек не е свесен дека баналностите што секојдневно ги повторува содржат во себе искра на сакралност, која чека да биде разгорена. Тој во нив гледа само рутинска постапка. Процесот на готвење и јадење, на пример, за човекот што не ја познава историјата е свет. За историскиот човек тој е само рутинска задача, нужност. За предисторискиот човек секоја постапка е света, затоа што сѐ што се случува во мигот се случило и некогаш одамна, во митското време, in illo tempore. Современиот човек, носен од матицата на историјата, жеден да остави што позначајна трага во големите тефтери на историографијата, ја заборава сакралноста на мигот. Застанувањето станува невозможно. Поради радикалната посветеност на хоризонталното постоење, просечниот современ човек целосно ја губи својата вертикала, тој не е ни свесен за својата врска со Земјата и Небото.

Вториот дел од романот Дервишот и смртта критиката го нарекува роман-акција. Во него ашик-дервишот Ахмед Нурудин е веќе длабоко влезен во реката на историското постоење. Вечноста на кругот ја заменува со проточноста на историјата, Божјата правда ја заменува со човечка, сакралното го заменува со профано, дервишот станува кадија. Оној што ја поништи својата волја и сѐ му препушти на Бога ја презема судбината во свои раце и решава да се пресмета со оние што му нанеле болка. Излегува од својот внатрешен свет и се соочува со надворешниот. Но, заслепен од својата пресилна волја, од својата преголема желба за одмазда и за воведување земна правда, Нурудин го губи контактот со морето во себе. Ја губи трансцендентната врска помеѓу својата сопствена длабочина и височините кон кои се стреми. Земајќи ја улогата на Бог го убива Бога во себе, а со тоа ја убива и љубовта, која е основата на дервишката философија. Преку љубовта се осознава и љубовта е она што се спознава. Бог е љубов, а за да се спознае Бог, неопходно е да се има чисто срце, затоа што за суфите срцето е центарот на спознанието.

Ахмед ја заменува љубовта со омраза, тоа е клучниот детаљ во неговата трансформација. Новиот Ахмед сега низ омраза го спознава светот: Моето срце најде потпора. Го мразам, шепотев занесено, одејќи по сокакот. Го мразам, мислев, одејќи на вечерна молитва. Го мразам, прошепотив речиси гласно, влегувајќи во теќето. Кога утредента се разбудив, омразата ме чекаше будна, со крената глава, како змија склупчена во виугите на мојот мозок. Нема повеќе да се одделуваме. Таа ме има мене, јас ја имам неа. Животот си доби смисла. (Селимовиќ 2000: 299)

Трансформацијата на Нурудин е можеби докрај завршена, но таа не е успешна.Тој е изгубен во својата нова општествена улога. Светот во кој влегува е премногу компликуван. Овој негов исказ, кој се однесува на цариградскиот силахдар, синот на златарот Синанудин, во сржта го опишува тој нов свет: [В]ерувам во горделивоста на моќните луѓе. Тоа не може да издаде. Зарем царскиот силахдар заради себе ќе допушти касаблискиот ситнеж да му го влече таткото по затвори? Ќе се бори против својата срамота и кога некој посилен би стоел спроти него, а од овие ќе летаат пердуви на сите страни; ќудта сигурно не му е ангелска, ни раката лесна, штом се качил на таа служба. (Селимовиќ 2000: 372-373) Тоа е свет преполн луѓе жедни за моќ, луѓе што се готови да згазат сѐ и секого. Свет преполн страв и човечки слабости. Свет грешен и површен, кој одамна раскрстил со чистата љубов и детската наивност што Ахмед ги носи со себе како клетва. Во овој нов свет тие за него се товар од кој не може да се ослободи и кој ќе го чини прескапо.

Ахмед Нурудин е ставен пред завршниот испит. Новиот свет му ги нуди своите привидни височини, му нуди општествен углед, му нуди сѐ што може да посака, а од него се бара само да му пресуди на Хасан, на својот единствен пријател, на единствениот човек за кого сѐ уште чува љубов. Во спротивно го чека катул-ферман. Или тој или Хасан.            

Решението на Селимовиќ е маестрално. Ахмед го предава својот најдобар пријател и во неговите и во своите очи тој е предавник. Но, калиграфот Мула Јусуф, неговиот најдобар ученик, го фалсификува потписот на кадијата и го ослободува Хасан, па во очите на власта тој станува соучесник на бегалецот. За нив сѐ е толку јасно: пријателот спасува пријател. Во очите на простодушниот народ Ахмед е херој. Но тоа нему ништо не му значи. Стариот саатчија си доаѓа по своето: Првите петли! Пакосните трубачи го поттикнуваат со остен времето за да не се успие, ги забрзуваат несреќите, ги креваат од нивните легла, да нѐ дочекаат, накострешени. Молкнете, петли, застани време! (Селимовиќ 2000: 444)

Горан Радоњиќ во својата анализа на овој роман вели: Во тоа и се состои трагичната грешка на јунакот во „Дервишот и смртта“, во тоа што не го оспорува и не го руши системот што му нанел зло, туку се обидува да се бори со средствата на самиот систем. Борбата е неуспешна, системот го менува јунакот, го потчинува и, на крајот, го уништува. (Радоњић 2011: 245)


      4.      Ахмед Нурудин и Хасан
    
   Човекот не е дрво, а врзаноста е негова несреќа, му ја одзема храброста, му ја намалува сигурноста.
(Селимовиќ 2000: 282)

Ликот на Хасан претставува антипод на Ахмед Нурудин. Хасан е сето она што Ахмед во својата суштина не е. Ќе продолжам со бинарните опозиции што во својата основа ја имаат опозицијата море/река, но напоменувам дека не ги сметам за потполни. И двата лика се премногу компликувани за да можат да бидат сведени на проста опозиција, но, сепак, тие два лика еден со друг се надополнуваат, а тоа е она што е важно за оваа анализа.

Ахмед е дервиш, тој му припаѓа на светото. Хасан е џелепчија, трговец со добиток, и му припаѓа на световното. Хасан е река, Ахмед море. Ахмед е душа, Хасан дух. Хасан е Сонце, Ахмед Месечина. Ахмед е светот внатре, Хасан е светот надвор. Хасан е патник по хоризонталната оска, Ахмед патува по вертикалната. Ахмед се бори со времето, Хасан го освојува просторот. Мудроста на Хасан е дневна мудрост, мудроста на Ахмед Нурудин е ноќна мудрост, мудрост на големи искушенија и големи загуби. (Милошевић 1972: 179)

Двајцата заедно претставуваат целина. Двајцата заедно се едно, но тоа едно е нешто трето, нешто што секој од нив одделно не е. Заедно ја претставуваат хармонијата помеѓу морето и реката. Заедно го претставуваат цикличното време, кое вечно се повторува, но истовремено се движи по хоризонталната оска на линеарното историско време.

Човекот е заробен во царството на Хронос, стариот саатчија, и од него спас нема. Укинувањето на историското време во светов каков што го познаваме е невозможно. Да се спојат двата концепти значи да се укине бинарноста, да се воспостави хармонија, да се стане едно.



ЛИТЕРАТУРА:
Елијаде 1992: Елијаде, М. Аспекти на митот. Скопје: Култура. 1992.
Елијаде 2003: Елијаде, М. Свето и профано. Сремски Карловци/Нови Сад: Издавачка књижарница Зоран Стојановића. 2003.
Елијаде 2007: Елијаде, М. Митот за вечното враќање. Скопје: Слово. 2007.
Милошевић 1978: Milošević N. Zidanica na peskuDerviš i smrtMeše Selimovića. InKnjiževnost i metafizika. Beograd: Slavoljublje. 1978.
Николсон 2011: Nikolson, R. Sufizam (mistici islama). Beograd: Babun. 2011.
Радоњић 2011: Радоњић, Г. Егзистенција између провалија: Дервиш и смртМеше Селимовића. – In: Октоих: Часопис одељења за српски језик и књижевност Матице српске – Друштва чланова у Црној Гори I/1-2 (2011) 241-247.
Реброња 2010: Реброња, Н. Дервиш или човек, живот и смрт. Београд: Службени гласник. 2010.
Селимовиќ 2000: Селимовиќ, М. Дервишот и смртта. Скопје: Матица македонска. 2000.

No comments:

Post a Comment