Thursday 20 December 2012

Јанѕа


Ако, по некаква си чудна случајност, не знаете што правите, нека ви биде простено. Само, сѐ некако ми изгледа дека меѓу вас има такви што многу добро знаат што прават. Такви што знаат што е лево, а што десно. Што е горе, а што долу. Ним им се обраќам во ова глуво зимско утро. На тие што ја користат надмоќта своја за да ги прелажат простодушните, да ги подведат оние бедните духом. Грев правите, зашто тоа е исто ко да сте прелажале дете.

Сѐ си мислам: Како ли се појавувате пред малечките свои кога треба пред спиење да им раскажете дека еден ден Доброто ќе го победи Злото? Како успевате и тогаш да пуштите глас? Ви се стега ли грлото? Ви затреперува ли раката со која ги милувате? Ви бега ли негде погледот? Зарем не ве јаде јанѕа дека еден ден тие малечки ќе се разбудат, ќе прогледаат и ќе видат, можеби, дека овчарот бил волк во овча кожа? Зарем не ве јаде јанѕа дека еден ден поради тие малечки ќе посакате Земјата да се отвори и да ве голтне? Навистина, луѓе, како заспивате вие ноќе? Што ли ви иде насон? Со каква ли лага си ги миете гревовите? Сте застанале ли барем еднаш пред себеси простум? И што ли му кажувате тогаш на ликот во огледалото?

Зашто, вие знаете што е лево, а што десно. Што горе, а што долу. Оти, за тоа не е потребен ум, туку срце. А срце имаме сите.

No comments:

Post a Comment