Sunday, 8 December 2013

ТАЛЕ НЕ ЗНАЈТ

На Тања


         Пусти Тале, уште го зборуваме, а не го ни знаеме ко што треба човекот.
       Тоа лето фативме со Ана да ги шетаме селата прилепски, оние накај Брод. Јас се имав заќејфено нешто да го видам Небрегово. Селото да ти било на крајот на светот, а патот до него полн дупки. Во селото нѐ пречека човек сув и малку подгрбавен, со коса остра и нечешлана, во парталави алишта, немиен, гурелав во очите, со лице испечено од сонцето, со уста подзината и разлигавена. Селска будалетинка, јуродив, пророк скриен од светот, меѓник меѓу светови – кој ќе го знае. Го прашавме за куќата на Блаже, праша дали може да влезе во колата. Влези, пријателе. Влезе, се фати за сокот. Ни го испи. Ме фаќа малце јанѕа. Го гледам на ретровизорот.
        Кај да возам, пријателе?
        Прилеп, Прилеп. Вози Прилеп.
        Куќата од Блажета знаеш каде е?
        Прилеп, Прилеп. Вози Прилеп.
          Од три-четири пати се разбравме. Нѐ однесе до куќата, на два-триесет метра од сретсело. Прошетавме низ дворот. Ѕирнавме низ прозорците и толку беше, немаше кој да ни отвори. Додека шетавме, човекот фрлаше со камења по селските кучиња. Нѐ пазеше, гости му бевме. Се вративме назад во колата, и тој со нас влезе, си седна на своето место: – Прилеп! Прилеп! Возиме! Возиме! Се вративме на сретсело, човеков абер нема.
        Пријателе, ние мора да одиме сега.
        Прилеп! Прилеп! Возиме! Возиме!
           Ќе мора да бараме чаре.
            –  Ана, ќе излеземе полека и ќе тргнеме накај црквичено – тивко кројам планови додека човекот си мантра на задното седиште. – Ќе направиме круг, ќе тргне чоеков по нас. Кога ќе биде тој зад црква, ќе се пуштиме шпринт накај кола и ќе заклучиме вратите.
          Излегуваме од кола заедно со пријателот и тргнуваме накај црквичето. Кога, се наведнува човеков, зема еден голем камен од земја. – Отидоа џамовите – си мислам – нѐ чул чоеков што ујдурма му готвиме, не бил толку будала. Јок! Со каменот го потпре едното задно тркало, да не тргне колата назад и тргна по нас. Зад црквата тревишта еден куп, којзнае кога коселе последен пат. Ќе излезе змија ќе нѐ изеде сите. Нема назад. Правиме полукруг околу црквата и јас давам знак: – Трчај, Ана! Трчаме, човеков се даде по нас. Уште му го паметам стравот на лицето, ќе му отиде Прилеп. Влегуваме во колата, ги затвораме вратите, а човеков очајно се обидува да влезе. Ја тегне рачката од задната врата кај што го имаше ставено каменот. Пак јанѕа ме јаде. Ми е страв да не направи беља ако тргнеме. Штрака, штрака по рачката и си мрмори: Прилеп! Возиме! Возиме! Во паника е, му отиде Прилеп на човеков. Тажно ми е кога го гледам. Се гледаме со Ана, не знаеме што да правиме. Кај да бараме чаре, живо пиле нема во селото. И тогаш го чувме гласот на спасителот.
        – Тале, мирен, Тале! Мирен! – почна да вика една крупна женичка, а пријателов наш вистина се скроти, ко бајче. Престана да ја тегне рачката. – Немајте гајле, деца. Не знајт Тале, не знајт. Не прави бели тој мирен е. Само, не знајт. Мирен, Тале.
            Се смири Тале, а ние си го фативме патот накај Зрзе.
          Не знајт Тале, не знајт. Раат му е живејачката. Уште Прилеп да го види, ко Господ да го видел.

No comments:

Post a Comment