Wednesday 21 November 2012

Да бекнеме. Додека има лента.


(Беседа изговорена на Меѓународниот ден на писателите во затвор)



Почитувани, човек жеден за тишина ќе ви зборува за зборот наш натсуштен. Да, тргнав од крајот. Од тишината тргнав. Оти од тишина сме и во тишина се враќаме. (Со ова можеме да си играме. Има безброј варијанти. Јас ја сакам уште и оваа: од љубов сме и во љубов се враќаме.)

Живеат ли во тишина заветените на молчење? Живеат ли со себе во тишина? Раѓа ли молкот тишина? Или тишината се раѓа по изговорениот збор? Прочистена. Како по оган. Проголтаниот збор жежи длабоко долу, дури под папокот. Таму тој е немирен, оти незауздлив е зборот. Тоа е порив и за смисла не прашува. Немирен е, оти местото не му е таму. Таму е тој разјарен бик, модар јаглен му гори во утробата. А зборот го мислиме птица. Облаче. Нешто што лета, што има крилја. Тој е воздух, па, оттаму, тој е и оган. Тој е небесно син, или на небото син, ако веќе си играме поезија. На вертикалната оска тој секогаш ќе биде погоре од средината. Некаде помеѓу срцето и умот. Таму е тој дома.

Да не се разбереме погрешно, за зборот зборувам, за семето што паѓа в саксија. За оној плодоносниот. За зборот викнат гласно! пред сите, но и за оној прошепотениот во молитва, пред заспивање. Зборувам и за оној од пустината, оти таму викнат најчисто се слуша.

Тука сме собрани за да зборуваме за слободата на зборот. Но, да го ослободиме ние прво зборот во себе. Да ги срушиме своите сопствени ѕидини. Да ги отклучиме своите врати и да излеземе од она што другите за нас го нарекуваат свет. Да го ослободиме зборот, но прво да ја исчистиме земјата од тревјето за да може тој да се фати. Да создадеме во себе тишина за да го чуеме јасно она што го говориме. Конечно, да се разбудиме. Оти, од нас почнува светот. Да застанеме прво пред себеси простум, за да можеме потем да застанеме и зад оние зад кои застануваме и денес, овде. Да застанеме зад оние што проговориле и во наше име. Гласно. Да го ослободиме зборот, се разбира, оти да сакате да го затнете зборот, тоа е како да сакате да ја затнете Стерната. Со бубаќ, со партали, со песочиште, со чакалиште, со камења, со карпи... ама, таа ќе гргне, ќе се оттиши.

До тишината се стигнува со збор, а не со молк. На едно место во својата Преместен камен Маџиров вели: Можев да молчам,/иако не сум сретнал икона/со прст врз усните на светецот.

Да се биде поет значи да се зборува онака како што се зборува во сонот. Слободно.

No comments:

Post a Comment