Sunday, 16 March 2014

јас не сум

пишувам песни
но се чудам кога ќе ми речат
песник!
можеби зашто уште не знам
што тоа значи
можеби зашто
правам уште недоброј други нешта:
читам
на пример
зарем не сум читач?!
и си зборувам гласно
кога нешто не ми е јасно
гледам во зајдисонцето
без очила за сонце
се радувам
дувам
во дланките кога е надвор ѕивра ладно
ноќе
кога е небото ведро
ја барам големата мечка
и еве веќе дваесет и кусур години никако да ја најдам
во три и кусур
(пак ноќе)
јадам стапчиња од фурната во чаир
или лиснато со зденка и маслинки откај мајче
или две појачани крофни од ѓорче
едната со крем
другата со џем
се качувам
горе
кај музéј на современа умéтност
и оттаму го гледам скопје
(уште еднаш – ноќе)
дење се качувам на водно
и горе пијам три чаја со лажичка шеќер
и секојпат мерам колку бргу сум се качил
(47:35
откај полицијата
пред четири години, во август
без ранец
само по црвените адидас-гаќички
и знам дека беше вторник)
луѓето ми велат
зошто брзаш
зошто не уживаш
а јас, пак,
уживам да брзам
кон своите три чаја со лажичка шеќер
и секојпат носам пешкирче на појасот
не затоа што се потам
туку зашто и татко ми носи

плачам
најчесто од среќа
ама и тажен сум
секојпат кога црвениот автобус
речиси празен
тргнува од перонот
а јас однатре мавтам
а моите однадвор се смешкаат
а, знам, однатре плачат
и си кажуваат нешто што јас не можам да чујам
а сигурно стопати сум го чул веќе
ама пак сакам

да го шетам скопје понеделнички
да испијам две големи бози кај апче
едната клот, а другата со топче страчатела
да влегувам по книжарници и да барам книги што сум сигурен дека ги нема
големата вода
или комплет од цепенков
на пример
па докај сестра ми на работа
на пет минути, колку да ја видам

и сакам кога со марко одиме во зоолóшка
и таму јарињата и елените ни јадат смоки од рака
и сакам кога им се чудиме на мајмуните
и воловите
и велиме: греота
за тигрите, орлите и лавовите

и кога со дедо ми си зборуваме
за световите кај него в глава
и кога трепка со очите и збунето гледа
во некое свое зајдисонце
во некоја своја голема мечка
над костинци, кошино, зрзе
и сакам кога од негде-некаде ќе ме праша
кога ќе иди ане?
оти, знам тогаш, му дошло кој сум

и сакам кога на анна ѝ кажувам колку ја сакам
додека спие

и кога ги вметнувам во песна
луѓето што ги сакам
тукутака
дека ми се сака

(и скопско сакам!)

сѐ сум што сакам
и што нејќам исто така

и затоа
и уште недоброј пати затоа
чудно ми е кога ми велат
песник
а не
патувач што гледа во зајдисонцето радувач што ја бара големата мечка мерач на времето кој ита кон своите три чаја со лажичка шеќер и пешкирче на појасот мавтач од автобусот бозаџија книгаџија сакаџија нејќаџија

и уште недоброј нешта сум
и ништо не сум

јас сум сѐ
и ништо не сум

сѐ и ништо
ништо и сѐ

оти и тишината зборува
и празнината фаќа место


No comments:

Post a Comment