Friday, 14 February 2014

ПРЕОБРАЖЕНИЕ

Цел живот нѐ учат да отвориме очи. А тајната на спознанието е во затворените очи, во погледот вперен кон себе. Така се прогледува. Како Тиресиј, пророкот.

Човештвото е болно. Нашите умови се една огромна депонија. Ѓубрето со векови се трупало во нас. Потребно ни е долгогодишно и трпеливо чистење. Чистење што ќе трае со генерации. Коренот на човековото страдање се наоѓа на дното од неговиот ум. На дното од талогот. А дотаму се стигнува со тихување и со затворени очи. Умот треба да биде зауздан, телото спокојно.

Медитацијата треба да биде дел од образовниот систем. Уште од самиот почеток. И да се практикува сѐ до крајот. Учителите треба да бидат мајстори по медитација, а училишниот ден со медитација да почнува. Децата треба да бидат свесни дека „светот е во нив, а не тие во светот“.

На човештвото му е потребна преобразба на свеста. Потребно е да се сетиме на тајната на пеперутката, зашто сите ние ја носиме во себе. Гасеницата не станува тукутака пеперутка. Пред да стане пеперутка, таа минува денови и денови скаменета. Тоа е фазата на медитација.

***
кога стварноста од мене ќе го побара
невозможното, седнувам
и се претворам во пеперутка.

ПИШИ-БРИШИ

Ние сме пиши-бриши генерација. Технологијата нѐ има разгалено давајќи ни бесконечна празнина. Мислата ни е брза, зборовите ги бираме на ѓутуре, реченицата не ни е однапред промислена. Знаеме дека секогаш можеме да избришеме, да поправиме, да преместиме. Без никакви последици. Програмата, дури, и ги памти сите наши поправки, па можеме да им се навраќаме на старите решенија.

На старите наши не им било толку лесно. Празнината на која тие пишувале била ограничена. Пергаментот бил скапоцен. Не можело да пишува кој сака и колку што сака. Промислата им била длабока. Зборовите ги бирале со мукает. Реченицата им била однапред смислена.

За оние уште подамнешните, кои длабеле во камен, зборот и празнината биле светост. Празнословието било грев.

Така некако и во животот. Промислата ни е плитка, со зборовите сме немукаетлии. Секој ден ја промашуваме целта, па после кабаетот нѐ тера: бриши-бриши, пу-пу не важи! Ама важи. Стварноста не е компјутерски екран. Таа е камен. На издлабеното во неа векови ветришта и вода му требаат да го избришат.

***
пишувај
како да длабиш во камен

зборовите бирај ги
со мукает

почитувај ја
празнината

ЕДНО ПО ЕДНО

Со Марко ручаме сами во трпезаријата, малку подоцна од останатите. Марко цело време станува и оди во детската да ја провери играта на компјутерот. Се враќа и кажува нешто, пробува малку од месото и пак станува. За кратко престанувам да јадам: „Марко, кога јадеш, јади. Кога зборуваш, зборувај. Немој да правиш две работи истовремено. Биди свесен за јадењето. Биди свесен за џвакањето, осети ја храната во устата. Осети како се спушта низ хранопроводот. Биди свесен“.

Марко си тера по свое, не есапи никого. Не ни очекувам дека ќе ме послуша. Не му ни кажувам за да ме послуша. Му кажувам со надеж дека тоа што сум му го кажал ќе му се појави по години како некаков глас од длабочините.

Додека трае нашето мало убедување, мајка ми прекорно дофрла од кујната: „Марко, слушај што ти зборува вујко ти!“, па продолжува да го меси тестото за проскурчињата додека со главата навалена на рамото ја држи телефонската слушалка: „Марко. Мхм-мхм... Аха-аха... Е па, сеа, тоа е... Е па, шо ќе праиш... Мхм-мхм... Аха-аха...“

Wednesday, 25 December 2013

4. земја. црвено.

слегувам во своите подземни одаи.
во темелите. таму кај што уште
старите мои закопале нешто.
слегувам од сиот свет скришум. сам
од себе го крадам клучот.
долу е цибрина. од студенилото дури
оган гори. дури пече ко жар на гола кожа.
и мравки лазат. од мраз, од страв, од јанѕа.
буричкам со кандилце в рака.
тарашкам по теглите со слатко,
со горко, со поткиселено.
чепкам по сето поминато низ мене.
по сето поминато пред мене.
со ноже пуштам воздух
да излезе смрдеата.
ја тргам мувлата што се фатила одозгора.
вдишувам длабоко. со прст пробувам.
тегла по тегла отворам. ја тргам мувлата.
вдишувам длабоко. со прст пробувам.
тегла по тегла.
дур не најдам зошто толку боли.
и до кога.

конечно сам. седнувам крснозе во тишината со поглед вперен кон себе.

од каде сиот овој немир во мене?
од каде оваа матна река
надојдена
оваа гнасна вода во мене?
од каде сета оваа врева во мене
кога ги склопувам очите?

колкумина потстанари сме во ова тело?

ко цела една чаршија да се собрала во мене
па прави ѓурултија
куртул нема!

ко да сум ги понел со себе
сите прегратки сите ракувања сите урокливи погледи
од патувањата
од сите претходни домови
во кои сум преспивал
од сите куќарки што сум ги надраснувал
во кои сум се вселувал
и од кои сум си заминувал
кога ќе ми чукнел часот
кога ќе ми чукнела камбаната

ко да сум понел со себе сѐ
само сеќавањето сум го заборавил

негде попат

Saturday, 14 December 2013

red bus blues


Преполниот црвен автобус влегува во уште една вукојебина. Повторно влегуваат повеќе луѓе отколку што излегуваат.
Надвор остануваат оние што испраќаат – мајки, баби, синови, внуци. Загрижено ги издолжуваат вратовите и се обидуваат однадвор да им најдат место на своите најблиски.
Тазе качените, пак, им се смешкаат со лица што велат: „Не е важно“. А, всушност, со очите немирно шараат низ автобусот и го бараат последното слободно место. Знаат дека нема да има за сите.
Една дебела тетка љубоморно го чува своето двојно седиште правејќи се дека нешто многу важно се случува зад прозорецот, иако во претходното гратче и таа беше една од оние што панично шараа низ автобусот.
До мене Ана си ја чита својата книга и врска нема што се случува.
Јас мирно набљудувам од своето седиште. Сѐ ми е јасно – сум бил и оној што однадвор го издолжува вратот, и тазе качениот, и дебелата тетка што зјапа низ прозорецот...


Sunday, 8 December 2013

ТАЛЕ НЕ ЗНАЈТ

На Тања


         Пусти Тале, уште го зборуваме, а не го ни знаеме ко што треба човекот.
       Тоа лето фативме со Ана да ги шетаме селата прилепски, оние накај Брод. Јас се имав заќејфено нешто да го видам Небрегово. Селото да ти било на крајот на светот, а патот до него полн дупки. Во селото нѐ пречека човек сув и малку подгрбавен, со коса остра и нечешлана, во парталави алишта, немиен, гурелав во очите, со лице испечено од сонцето, со уста подзината и разлигавена. Селска будалетинка, јуродив, пророк скриен од светот, меѓник меѓу светови – кој ќе го знае. Го прашавме за куќата на Блаже, праша дали може да влезе во колата. Влези, пријателе. Влезе, се фати за сокот. Ни го испи. Ме фаќа малце јанѕа. Го гледам на ретровизорот.
        Кај да возам, пријателе?
        Прилеп, Прилеп. Вози Прилеп.
        Куќата од Блажета знаеш каде е?
        Прилеп, Прилеп. Вози Прилеп.
          Од три-четири пати се разбравме. Нѐ однесе до куќата, на два-триесет метра од сретсело. Прошетавме низ дворот. Ѕирнавме низ прозорците и толку беше, немаше кој да ни отвори. Додека шетавме, човекот фрлаше со камења по селските кучиња. Нѐ пазеше, гости му бевме. Се вративме назад во колата, и тој со нас влезе, си седна на своето место: – Прилеп! Прилеп! Возиме! Возиме! Се вративме на сретсело, човеков абер нема.
        Пријателе, ние мора да одиме сега.
        Прилеп! Прилеп! Возиме! Возиме!
           Ќе мора да бараме чаре.
            –  Ана, ќе излеземе полека и ќе тргнеме накај црквичено – тивко кројам планови додека човекот си мантра на задното седиште. – Ќе направиме круг, ќе тргне чоеков по нас. Кога ќе биде тој зад црква, ќе се пуштиме шпринт накај кола и ќе заклучиме вратите.
          Излегуваме од кола заедно со пријателот и тргнуваме накај црквичето. Кога, се наведнува човеков, зема еден голем камен од земја. – Отидоа џамовите – си мислам – нѐ чул чоеков што ујдурма му готвиме, не бил толку будала. Јок! Со каменот го потпре едното задно тркало, да не тргне колата назад и тргна по нас. Зад црквата тревишта еден куп, којзнае кога коселе последен пат. Ќе излезе змија ќе нѐ изеде сите. Нема назад. Правиме полукруг околу црквата и јас давам знак: – Трчај, Ана! Трчаме, човеков се даде по нас. Уште му го паметам стравот на лицето, ќе му отиде Прилеп. Влегуваме во колата, ги затвораме вратите, а човеков очајно се обидува да влезе. Ја тегне рачката од задната врата кај што го имаше ставено каменот. Пак јанѕа ме јаде. Ми е страв да не направи беља ако тргнеме. Штрака, штрака по рачката и си мрмори: Прилеп! Возиме! Возиме! Во паника е, му отиде Прилеп на човеков. Тажно ми е кога го гледам. Се гледаме со Ана, не знаеме што да правиме. Кај да бараме чаре, живо пиле нема во селото. И тогаш го чувме гласот на спасителот.
        – Тале, мирен, Тале! Мирен! – почна да вика една крупна женичка, а пријателов наш вистина се скроти, ко бајче. Престана да ја тегне рачката. – Немајте гајле, деца. Не знајт Тале, не знајт. Не прави бели тој мирен е. Само, не знајт. Мирен, Тале.
            Се смири Тале, а ние си го фативме патот накај Зрзе.
          Не знајт Тале, не знајт. Раат му е живејачката. Уште Прилеп да го види, ко Господ да го видел.