Цел живот нѐ учат да отвориме очи. А тајната на
спознанието е во затворените очи, во погледот вперен кон себе. Така се
прогледува. Како Тиресиј, пророкот.
Човештвото е болно. Нашите умови се една огромна
депонија. Ѓубрето со векови се трупало во нас. Потребно ни е долгогодишно и
трпеливо чистење. Чистење што ќе трае со генерации. Коренот на човековото
страдање се наоѓа на дното од неговиот ум. На дното од талогот. А дотаму се
стигнува со тихување и со затворени очи. Умот треба да биде зауздан, телото
спокојно.
Медитацијата треба да биде дел од образовниот систем. Уште од самиот почеток. И да се практикува сѐ до крајот. Учителите треба да бидат мајстори по медитација, а училишниот ден со медитација да почнува. Децата треба да бидат свесни дека „светот е во нив, а не тие во светот“.
На човештвото му е потребна преобразба на свеста. Потребно е да се сетиме на тајната на пеперутката, зашто сите ние ја носиме во себе. Гасеницата не станува тукутака пеперутка. Пред да стане пеперутка, таа минува денови и денови скаменета. Тоа е фазата на медитација.
***
кога стварноста од
мене ќе го побара
невозможното,
седнувам
и се претворам во
пеперутка.