пишувам
песни
но
се чудам кога ќе ми речат
песник!
можеби
зашто уште не знам
што
тоа значи
можеби
зашто
правам
уште недоброј други нешта:
читам
на
пример
зарем
не сум читач?!
и
си зборувам гласно
кога
нешто не ми е јасно
гледам
во зајдисонцето
без
очила за сонце
се
радувам
дувам
во
дланките кога е надвор ѕивра ладно
ноќе
кога
е небото ведро
ја
барам големата мечка
и
еве веќе дваесет и кусур години никако да ја најдам
во
три и кусур
(пак
ноќе)
јадам
стапчиња од фурната во чаир
или
лиснато со зденка и маслинки откај мајче
или
две појачани крофни од ѓорче
едната
со крем
другата
со џем
се
качувам
горе
кај
музéј на современа умéтност
и
оттаму го гледам скопје
(уште
еднаш – ноќе)
дење
се качувам на водно
и
горе пијам три чаја со лажичка шеќер
и
секојпат мерам колку бргу сум се качил
(47:35
откај
полицијата
пред
четири години, во август
без
ранец
само
по црвените адидас-гаќички
и
знам дека беше вторник)
луѓето
ми велат
зошто
брзаш
зошто
не уживаш
а
јас, пак,
уживам
да брзам
кон
своите три чаја со лажичка шеќер
и
секојпат носам пешкирче на појасот
не
затоа што се потам
туку
зашто и татко ми носи
плачам
најчесто
од среќа
ама
и тажен сум
секојпат
кога црвениот автобус
речиси празен
тргнува
од перонот
а
јас однатре мавтам
а
моите однадвор се смешкаат
а,
знам, однатре плачат
и
си кажуваат нешто што јас не можам да чујам
а
сигурно стопати сум го чул веќе
ама
пак сакам
да
го шетам скопје понеделнички
да
испијам две големи бози кај апче
едната
клот, а другата со топче страчатела
да
влегувам по книжарници и да барам книги што сум сигурен дека ги нема
големата вода
или
комплет од цепенков
на
пример
па
докај сестра ми на работа
на
пет минути, колку да ја видам
и
сакам кога со марко одиме во зоолóшка
и
таму јарињата и елените ни јадат смоки од рака
и
сакам кога им се чудиме на мајмуните
и
воловите
и
велиме: греота
за
тигрите, орлите и лавовите
и
кога со дедо ми си зборуваме
за
световите кај него в глава
и
кога трепка со очите и збунето гледа
во
некое свое зајдисонце
во
некоја своја голема мечка
над
костинци, кошино, зрзе
и
сакам кога од негде-некаде ќе ме праша
кога ќе иди ане?
оти,
знам тогаш, му дошло кој сум
и
сакам кога на анна ѝ кажувам колку ја сакам
додека
спие
и
кога ги вметнувам во песна
луѓето
што ги сакам
тукутака
дека
ми се сака
(и
скопско сакам!)
сѐ
сум што сакам
и
што нејќам исто така
и
затоа
и
уште недоброј пати затоа
чудно
ми е кога ми велат
песник
а
не
патувач
што гледа во зајдисонцето радувач што ја бара големата мечка мерач на времето
кој ита кон своите три чаја со лажичка шеќер и пешкирче на појасот мавтач од
автобусот бозаџија книгаџија сакаџија нејќаџија
и
уште недоброј нешта сум
и
ништо не сум
јас
сум сѐ
и
ништо не сум
сѐ
и ништо
ништо
и сѐ
оти
и тишината зборува
и
празнината фаќа место